Патување низ Четири Македонски Села
Истражете ги приказните и традициите на Ташмаруништа, Мороишта, Радожда и Калишта, и уживајте во нивната природна убавина.


Т А Ш М А Р У Н И Ш Т А
Ташмаруништа е село што се наоѓа на десната страна на реката Црн Дрим, во подножјето на планината Караорман и на 12 км. од Струга. Од повиските места на селото, кај селската чешма, се нуди прекрасен поглед на Струшкото поле и на Охридското Езеро.
Организираниот живот во селото постои од дамнина за што сведочат откриените предмети од 7. и 6. век пред нашата ера. Постојат и археолошки остатоци пронајдени во атарот на селото од доцноантичко и ранохристијанско време. Во местото постои верување дека и Св. Климент престојувал во Ташмаруништа додека ја создавал кирилицата.
Селото е познато и како прво место каде што во Струшко, за време на Илинденското востание, се одиграла тешка битка на востаниците со турскиот аскер. Селото било целосно ограбено и запалено, а 27 жртви биле погребани во семејните и во задничка гробница.
Во спомен на тој настан, во главната селска црква Св. Архангел Михаил, на Илинден, секоја година се организира манифестација на која што присуствуваат видни личности од општествениот и политичкиот живот на земјата.
Во близина на селската чешма и во атарот на Црквата Св. Архангел Михаил се снимани и сцените на филмот „Време, води“ на режисерот Бранко Гапо, а по сценарио на писателот Јован Стрезоски. Во филмот глумеа познати глумци, како Борис Дворник, Душко Костовски, Петре Прличко, Мето Јовановски, Петар Арсовски.
М О Р О И Ш Т А
Мороишта е село кое што е оддалечено 3 км. северно од Струга. Поради изобилие на вода и плодна почва, жителите, главно, се занимаваат со земјоделие. Во атарот на селото има и неколку индустриски објекти, со добра местоположба и инфаструктура.
Еден од најубавите верски објекти во Струшката општина е црквата Св. Спас во Мороишта. Изградена е во 1965.година врз темели на постара црква, а е осветена во 1997.година. Во големиот двор на Црквата е пронајдена некропола од средниот век, а го красат и многустолетни дабови дрва. Од коренот на еден од дабовите извира лековита вода. Мештаните имаат обичај секој четврток да се измијат на водата, пристапувајќи со голема вера и молитва.
Селската слава е посветена на празникот Вознесение Христово и редовно се одржува во четврток, според православниот календар, во присуство на многу верници и гости.








Р А Д О Ж Д А
Радожда е живописна рибарскa населба на западниот брег од Охридското езеро, на 11 км. јужно од Струга и на 2 км. од македонско-албанската граница. Над селото се издига карпест гребен од планината Јабланица кој заедно со крајбрежјето дава идилична слика на сокриено место од светот на бајките.
Селото е богато со културно-историски споменици. Има седум цркви од кои, најстарата е пештерската црква Св. Архангел Михаил од 14.век, а централната црква Св. Никола потекнува од 18.век.
Важна знаменитост на Радожда е зачуваниот дел од патот Виа Игнација кој што Римјаните го изградиле во 2.век за поврзување на Рим, преку Драч со Цариград.
Како рибарско место, во локалните мотели и ресторани, има богата понуда од рибни специјалитети.
К А Л И Ш Т А
Селото се наоѓа на 5 км. југозападно од Струга, веднаш до Езерото и е познато по значајни верски и туристички знаменитости. Порано, опстојувало како рибарска населба.
Познатиот КАЛИШКИ МАНАСТИР е православен духовен комплекс и е летна резиденција на Поглаварот на Македонска православна црква. Во манастирската целина има 4 цркви. Две се посветени на Рождеството Богородично, од кои едната е пештерска и е постара (14.век), а другата е понова и претставува главна манастирска црква.
Главната црква е обновена 1977. година врз темели на постара црква од 18. век и е позната по иконата на Црна Богородица. Секоја недела и за време на празници се служи Божествена литургија, а неротките со вера во исцелителната моќ на иконата доаѓаат да се поклонат пред неа. Празник на Манастирот е Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица) на 21. септември.
Најнова е црквата Св. Петар и Павел (1990. год.) и под неа извира лековита вода. Пештерната црква Св. Атанасиј постои од 14.век и има значаен фрескопис со ликови од Светото Евангелие.
Поради верските содржини и прекрасната местоположба покрај езерото, селото е прераснато во значајно туристичко средиште. Во атарот на местото се изградени познатите хотели „Бисер“,„Изгрев“, „Макпетрол“ и „Скопје“. Непосредно до селото, опкружена со борова шума, се наоѓа туристичката населба „Елен Камен“ со многу викенд-куќи и модерни вили. Покрај целото локално крајбрежје се наоѓаат туристичко-угстителски објекти што нудат рибни и други специјалитети.