Природно и културно богатство: Истражете ги селата Зовиќ и Старавина
Во Старавина, Куќата на 'Калеш Анѓа' искажува љубовна приказна која и денес ја носи силата на древните обичаи.


МАНАСТИР ЗРЗЕ
На јужните падини на планината Даутица, на 30-тина километри од Прилеп, се наоѓа Манастирот Зрзе што го добил името според селото, сместено во непосредна близина. Од Манастирот се добива панорамски видик кон висорамнината Пелагонија што никого не го остава рамнодушен.
Во состав на овој споменик на културата се наоѓаат црквите Св. Преображение (од 14.век) и Св. Петар и Павел (од 17.век). Низ времето, црквите биле повеќепати оштетувани, а сегашниот изглед манастирскиот комплекс го добил во поново време со неговата обнова и изградба на потребната инфраструктура.
Во Манастирот има активен монашки живот што е продолжение на монаштвото од времето на Св. Климент Охридски (9.век) за што сведочи и населбата од 50-тина тихувалишта што се наоѓаат вдлабени во бигорната карпа, непосредно под комплексот цркви.
Во дворот на Манастирот е разместена збирка од изгравирани плочи и други предмети кои укажуваат дека духовниот живот на овој простор се одвивал од ранохристијанскиот период (4-ти и 5-ти век), а можеби и порано.
Меѓу бројните приказни за ова место е и легендата дека кралот Волкашин и кралот Марко биле венчани во овој манастир.
СЕЛО ЗОВИЌ И КАМЕНИОТ МОСТ
Селото Зовиќ се наоѓа во областа Мариово, на 50-тина километри од Битола. Сместено е на една карпеста рамнина, веднаш над левиот брег на Градешка река.
Моментно, во Селото живеат малкумина, но во летниот период, за време на празници и при Зовичката средба, селото се исполнува со стотици иселеници кои си ги посетуваат родните огништа.
Едно од најубавите архитектонски зданија во мариовскиот крај е камениот мост, во близина на Зовиќ. До средината на минатиот век бил дрвен мост, но по неговото рушење, во 1955/56. година бил изграден нов, од камен, во форма на лак. Со заеднички напор од мештаните, заедницата и вештите раце од мајстор Ѓуладин, по потекло од струшкото село Лабуништа.
Посетителите оценуваат дека Мостот и камената воденица под него, изгледаат како „љубовен пар“ што живеат во хармонија со природата, жуборот на реката и севкупниот пејзаж.
Промоција пред пошироката јавност, Мостот ја доживува преку култниот филм на режисерот Милчо Манчевски, „ Прашина“.
СЕЛО СТАРАВИНА И КУЌАТА НА „КАЛЕШ АНЃА“
Селотo Старавина се наоѓа во мариовскиот крај, оддалечено на 50-тина километри од Битола.Во турско време, ама и подоцна, било административен центар за околната област, но, денеска е населба што нема повеќе од десетина жители.
Позната е по приказната за Калеш Анѓа, мома од семејствто Сирмевци, опишана и во романот на Стале Попов. Грабежот на Калеш Анѓа, на нејзиниот брат Ангеле и нејзината љубов кон Стојан, станале повод за организирање на Мариовската буна. Локалното население се побунило против турскиот кадија што ја украл Калеш Анѓа и таа станала невеста што не си ја менувала верата.
Во Старавина е обновена куќа во спомен на Калеш Анѓа, каде што може да се долови животот на македонското семејство во 19. век.