Скриени Богатства: Откријте ги Дуфските Водопади

Истражете ги неверојатните природни богатства на Дуфските водопади, тајниот бисер на село Ростуше

birds eye photography of mountain
birds eye photography of mountain

Дуфските водопади се наоѓаат во близина на с. Ростуше, а до нив од самиот центар на селото се стигнува за 30тина минути. Патеката до водопадите е обележана, уредена, обезбедена со дрвена ограда и истата во неколку наврати е значително стрмна но во поголемиот дел е лесно проодна.

До самите водопади се поминува низ Дуфскиот кањон кој е висок и до 60 метри и кој претставува вистинска атракција. Местото е специфично поради пријатната клима а температурата во најжешките летни периоди изнесува од 18 до 20 степени. Низ кањонот тече Ростушка река која е најголема во пролетниот период.

Главна атракција и вистински празник за очите е водопадот Дуф според кој самото место го добило името, а се наоѓа на самиот крај на кањонот. Неговата висина изнесува околу 25 метри, а во негова близина се поставени неколку клупи за одмор каде што посетителите можат да минат неколку убави моменти во природа како и "училница" за настава во природа. Интересно е што сега на самиот водопад е поставена и опрема (метални алки на кои може да се постави јаже) за спуштање со јаже.

Покрај самата патека можат да се забележат и остатоци од првата хидроцентрала во регионот преку која истиот се снабдувал со електрична енергија. Во поранешниот период голем дел од земјиштето и водата во овој дел се користеле за обработка и наводнување. Најдобар период за посета на локалитетот е од месец мај до месец јули кога низ Ростушка река и водопадот тече најмногу вода.

Во околината на с. Ростуше може да ги посетите и неколкуте локални ресторани во кои може да вкусите храна подготвена според традиционални рецепти по претходна нарачка. Постои можност ваква храна да ви биде подготвена и од локалните домаќинки.

Photo by Elizabeta Varnalieva