Струга: Градот на Две Води и Илјада Убавини
Со својата локација покрај Охридското езеро и реката Црн Дрим, Струга е мала, но прелестна градска оаза во југозападна Македонија.
„КАКО СТРУГА НЕМА ДРУГА“. Со малку збоорви така народот ја опишал убавината на овој град што се наоѓа во југозападниот дел од Македонија, покрај водите на Охридското езеро и на реката Црн Дрим.
Иако е мал по големина (има само 15-тина илјади жители), има многу епитети: Град на две води, Град на Дримот, Град на мостови, Град на поезијата, Град на браќата Миладиновци и други имиња што се поврзани со местоположбата, со важни настани и личности од значење во минатото на Струга.
Во дамнешни времиња, местото основано од илирското племе Десарети е познато како Енхалон, што во превод значи јагула според ендемичниот вид езерско суштество кое заради парење пливало, преку Црн Дрим и Јадранот,до Саргаскато море во близина на Северна Америка, а младите потомци се враќале по истиот пат назад во Охридското Езеро.
Името Струга го добило по населувањето на словенските племиња (Мијаци и Брсјаци) во регионот, а се верува дека има старословенско потекло со значење ловиште или пак место каде што се врши стрижење на домашни животни.
Византиската принцеза Ана Комнина ја посетила Струга во 11.век и ја опишала како „град на 100 мостови“, а во 18. И 19.век се развила во значајно трговско средиште познато по своите дуќани и панаѓури. Во спомен останала песната „На Струга дуќан да имам, струшките моми да гледам“.
Во 19. Век Градот станал центар на националната преродба, а главни носители биле браќата Младиновци, Димитар и Константин. Помладиот Константин, ја напишал легендарната песна „Т`га за југ“ со која што секоја година, на крајот од август, започнуваат Струшките вечери на поезијата. На Манифестацијата што ги собира поетите од цел свет, се доделува наградата Златен венец на поезија
Сведоштвата за животот и делата на славните преродбеници, можат да се видат во Спомен куќата на браќата Миладиновци шт е сместена во центарот на градот.
За богатото културно-историско наследство на Струга и околината се грижи Народниот музеј Д-р Никола Незлобински во чиј состав се природнонаучниот музеј со збирка од препарирани инсекти, птици и други животни од охридско-струшкиот регион и Уметничката галерија на академскиот сликар Вангел Коџоман. Музејот истражува и изложува материјали од областа на историјата, археологијата, етнологијата, ботаниката и зоологијата.
Во поново време, голем интерес предизвикува литијата низ улиците на местото и кејовите на Дрим што се одржува на празникот Ѓурѓовден (почеток на мај). Стружани и гостите, на раце ја носат иконата на Св. Ѓорѓија (од 1267. год.), заштитник на градот. Инаку, таа е пронајдена во струшкото блато,а се чува во Соборната црква што го носи истото име. Во Црквата е поместена и галерја на икони, изработени од 13. до 19. Век.
Од минатото на Струга, вредно е да се одбележи дека првото исполнување на државната химна „Денес над Македонија се раѓа“, напишана од стружанецот Владо Малески, е изведено токму во овој град.
Вредноста и убавините на Струга ја дополнуваат уредениот кеј на Црн Дрим и градските плажи кои овозможуваат долги прошетки, сончање и капење. Покрај Дримот има бројни отворени тераси на кои што може да се пие кафе или да се јаде вкусен оброк, уживајќи во прекрасната глетка и пријатниот ветрец.
Во текот на целата година, се одржуваат бројни културни и спортски настани и манифестации. Покрај „Струшките вечери на поезијата“, се организираат „Струшка музичка есен“,„Ревијата на народни носии“,„Кенге Јехо“,„Струшкиот ракометен турнир“ и други случувања што го привлекуваат вниманието на гостите.